POBUNJENI UM - web magazin

 

ЗДРАВАТА ЖИВОТНА ОКОЛИНА НИЗ ПРИЗМАТА НА КАПИТАЛОТ

 автор: Алек
датум: 09/12/01

       „... на секој чекор потсетувани сме дека под никакви услови не владееме со природата како освојувачот со странските народи, како да стоиме надвор од природата - но дека ние, со тело, крв и разум, припаѓаме на природата, и постоиме во нејзина средина, и дека целото наше господарење над неа се состои во тоа што ние ја имаме предноста во однос на другите суштества да бидеме способни да ги научиме нејзините закони и да ги примениме точно“

                                    Ф.Енгелс „Улогата на трудот во преминот од мајмун во човек“

 

      Македонското општество со судни маки се бори да преживее. Бунтовниците ги амнестираат, a тероризмот продолжува. Политичарите, демек, се расправаат ту за Уставот, ту за некои амандмани. Очите ќе си ги извадат, а пред или зад нив криминалните структури го собираат кајмакот. Стопанството пред дефинитивниот колапс. Невработеноста поголема од мизерната вработеност. Младите сонуваат за западните развиени земји. Пензионерите несугурни во иднината на своите синови и ќерки. Сите работници стравуваат дека мракот кој нас не прекрил ќе трае уште многу долго.

     Десет години бранителите на капитализмот и т.н. слободниот пазар ни трубат дека социјализмот е надминат. Истите тие кои се колнеа и го идолизираа Марксовиот “Капиталот“, сега се најголемите идолопоклоници на капиталот. Но, за работничката класа најголема стварност е самата стварност. Апологистите на капитализмот низ целиот свет, правејќи најразлични мисловни конструкции, се убедуваат себе си во надмоќноста на нивната либерална економија, во стварноста на Новиот Светски Поредок, кој носи мир и благосостојба.

     И во сите овие сплетки, намерно или ненамерно, се заташкува и основното право на човекот,а и одговорност, да расте и се развива во здрава животна средина. Ќе ги отвориме сите прашања, почнувајќи од локалните, одејќи кон глобалните и ќе го изнесеме единственото решение.

 

Сообраќајот и јавниот транспорт

 

     Главниот град на Република Македонија е пример за сите други градови како не треба да се развиваат. Не станува збор само за непланската изградба на населбите, а тоа значи за немањето на паркинг простори, за немањето на игралишта за помали или поголеми деца, несоодветна сообраќајна поврзаност, за неводење сметка на струењата на воздухот, за дивите неурбанизирани, распрскани низ целиот град, градби. Станува збор пред се за крвотокот на градот, за бројот и фреквенцијата на моторните возила кои врват по неговите сообраќајници. Метежот по скопските улици и булевари е редовна, секојдневна појава. Нервозните возачи стануваат агресивни пред семафорите, а фрустрираните пешаците и возачите на велосипед си го дишат одвратниот чад. Лекарите би рекле дека Скопје секој ден преживува инфаркт. Но, зарем зголемениот број на срцеви заболувања кај сите старосни структури не е поврзан со загадувањето на животната средина - на воздухот. Се молиме на севишниот бог (друго е прашањето дали бог е стварен или не) да не ни пушти магла и оваа зима.

     Една од главните карактеристики на вистинското социјалистичко движење е работите кои се од јавен интерес да се бори да ги стави под контрола на самата јавност. Би рекле многу логично: демократска контрола. Но, ситуацијата е обратна, граѓаните се оставени на анархијата во јавниот превоз, т.е. препуштени се без планска организираност во оваа општествена дејност. Под јавен превоз во Скопје се подразбираат и приватните превозници на автобуси. Но и тнр Јавно Сообраќајно Претпријатие се однесува како продавач на превозни услуги на слободниот пазар. Токму овој, капиталистички начин на поставеност на работите во овој сектор од економијата допринесува за стихијно поведение. Цената на билетите се утврдува според пазарни принципи. Наместо скопјаните да постават ред со нивниот превоз, сопствениците на приватните автобуси и бирократизираната власт ги редат скопјани по нивен терк. Тоа би значело дека скопјани мора постанат управувачи на јавниот превоз и да го направат таков тој да им служи за нивните интереси. Интерес на секој скопјанец е јавниот сообраќаен превоз, сега автобусите, да се навремени, брзи и доволно чести. Исто така да се удобни и според еколошките стандарди. А најголем интерес на скопјани е јавниот превоз да е поефтин и со тоа достапен на сите. Со поефтинување на автобуските билети и зголемување на бројот на модерни автобуси драстично ќе се намали употребата на личните автомобили, кои служат за превоз на самиот возач евентуално уште еден личност. Автомобилите се големи загадувачи во Скопје според ефикасноста на бројот на превезени патници за одредено гориво на одредено растојание. Затоа, исправно е прогресивното оданочување и повисокиот данок за горивата, но исправно е само ако даноците се трошат за јавни побарувачки, а не за нечии ќејфови како што денес, и со право се сомневаме, се прави.

     Неопходно е да се процени моменталната состојба во сообраќајот и да се даде визија за идниот развој. Такви студии и навистина се направени од нашите стручњаци. За жал, овие и слични институции кои не се под капа на големиот капитал, максимално се игнорирани. Нивната моќ која произлегува од професионалната компетентност е поматена од државните бирократии, исто како и порано. Бирократијата која управува со државниот или општествениот имот се покажала и се покажува како неуспешна во задачата да се стави во интерес на работничката класа. Причините за оваа дегенерација во бившиот источно-европски економски систем лежат во неостварувањето на политичкиот дел од револуцијата, а тоа е демократска контрола на планската (национализирана) економија. Сосема погрешно планската економија беше отфрлена како невалидна и заменета со „либерална“ капиталистичка. Она што беше потребно тогаш, но и сега е работничка, социјалистичка демократија. Отуѓената власт е поставена во нечии туѓи раце. Скопје имало потреба од современ јавен превоз, а тоа значи изградба на подземна железница (метро), трамвај и тролебуси, уште пред барем 10 години. Сега, современиот јавен превоз е повеќе од потребен.

     Итни чекори затоа мора да бидат :

     - единствено јавно сообраќајно претпријатие, под контрола на граѓаните и вработените во него;

     - зголемување на јавната потрошувачка за ЈСП, набавка на нови автобуси, намалување на цената на билетите или бесплатен превоз;

     Локалните проблеми ниедна власт досега не успеа да ги реши. Тоа е затоа што сите локални проблеми зависат од државната власт, но и реално сите мерки треба да бидат во синхронизација со многу други мерки од други области. На пример, клучно прашање е како да се заштити јавниот превоз од капиталистичкиот монопол Окта, кој пет пари не дава, дали бензините ќе ги трошат приватни лица или јавни претпријатија. Газдите на Окта, без разлика на нивната верска и етничка припадност, ги интересира само поголемиот профит од продаденото гориво. Марксистите имаат решение.

     Во јавниот транспорт секако спаѓаат и железничкиот и авионскиот сообраќај. Приватизацијата (де-национализацијата или на македонски однародувањето) на овие сектори во развиените земји се покажа за крајно неуспешна. Водени од интересите за поголеми профити, раководството на британските приватизирани железници беше директно виновно за големата несреќа од пред две години. Се разбира, буржоазијата секогаш ги обвинува работниците, па така, за виновен беше прогласен машиновозачот кој презаморен управувал со стара локомотива. Но, до несреќата немало да дојде ако работниците не се притиснати што побрзо да возат, и ако приватниците не ги заменеа старите делови со нови. Доколку се случи приватизација на македонските железници, ќе биде сто пати полошо. Железницата мора да биде во рацете на нацијата. Само така државата ќе може да вложува во своите граѓани. Слична е судбината и со авиопревозниците. Македонија нема државен авио-превозник, па притисната од реалните потреби македонската влада со сила сака да направи некој од приватните авио-компании национален авио-превозник. И малите деца знаат дека зад овие игри околу МАТ и Авиоимпекс се кријат лични интереси за збогатување, а не посигурен, подобар и поудобен авиосообраќај. Единствено решение да се избегнат криминогените сплетки е национализација на авио-компаниите и формирање на единствена национална авио-компанија без учество на странскиот “фактор“.Стравична е сликата на пропаста на белгиската “Сабена“, која беше продадена на швајцарската “Свис ер“. Во еден ден отпуштени беа 12 000 работници (стујарди, пилоти, сервисери, итн.) Работничката класа на Белгија на тој ден се обедини. Сите работници застанаа во одбрана на човековото достоинство. Предавничката бирократија на нивниот синдикат не беше пречка на едно место и со исти барања да демонстрираат и пилотите и работниците од администрацијата, и стујардесите и службата за чистење. Македонските работници во авио-компаниите не смеат да бидат разделени. Нека немаат сочувство со нивните газди-експлоататори на нивниот труд.

 

Нашата вода да остане наша

 

     По државниот тероризам на САД и неговите сојузници врз северниот сосед, Југославија, скопската јавност се вознемири за безбедноста на бесценетиот извор Рашче. Овој карстен извор го снабдува Скопје со квалитетна вода за пиење. Скопјани се фалат со оваа благодат и знаат дека Скопје без изворот Рашче нема да биде исто. Проблемот со вода за пиење и воопшто изградба водовод и водоводна мрежа веќе долго време не е решен во многу македонски градови и села. Посебно тешки се летните месеци. Над 100 000 кумановчани, поради неспособноста на македонскиот систем, страдаа од тероризмот на бандитите, и повторно цела Македонија увиде на егзистенцијалната потреба од водата. Македонија се почуствува загрозена. Прилепчани, веќе дваесет години, се борат за вода за пиење. ЕБРД (преку директорот на Фондот за Води, вмро-дпмне-овецот Лепавцов) не му одобри на градот на првата пушка, градот херој, средства за водоводната мрежа. Наместо, да се инвестира во Прилеп, парите се пренасочени во градови како Штип, Струга, Охрид, по партиски клуч.

     Веста дека ќе се приватизира и јавното претпријатие кое се грижи за водоснабдувањето за скопјани не беше шок. Градоначалникот Пенов за оваа приватизација го користи еуфемизмот “ќе се издаде под наем одржувањето на мрежата, сервисирањето на вода до граѓаните и наплатата“ (Утрински Весник, 29.11.2001). Понатаму во краткото информирање, тој се објавува во своето вистинско лице, заштитник на буржаозијата, па вели: “...ќе се издвојат доволно делови од него кои профитабилно ќе работат, за да го немаме товарот на вработените и платите, па закупнината ќе биде наменета за развој“. Можеби го пропуштив најважниот детал, сево ова е условено од т.н. Светска Банка и згора на тоа операторот мора да биде меѓународен. Нека не ми замерат другарите и другарките од останатите македонски градови (посебно од навистина загрозениот Прилеп), но доколку тоа се случи во Скопје, реално е да се очекува иста таква промена и во другите градови и населени места. Патем, оваа приватизација на државен имот според постојните законски норми е противзаконско, а секако крајно нехумана. Вистина е дека цената на водата ќе ја одредува Советот на Градот. Се плашам дека како и насекаде, красноречивиот странец, иако според беспрекорната логика на Пенов, меѓународниот оператор не мора да биде странец, ќе се однесува крајно неодговорно спрема работниците и целото население. Низ призмата на капиталистичката економија, се гледаат само профитите од експлоатацијата на ограниченото природно богатство, а работниците се сметаат само како товар, стока, која треба да работи за нив, а потоа да се нахрани со ефтина и неквалитетна храна. Така, избрканиот директор на скопскиот “Водовод и канализација“, Петар Бовчаров, ќе изјави дека градот нема право да го продава своето национално богатство и дека ќе бидат избркани од работа од 800 до 1300 работници како технолошки вишок. Исто така, тој е убеден дека во наредните три години ценат на водата ќе ја зголемат за 30%. Сосема е во право Бранка Наневска, од АИМ Скопје, кога во својата статија, огорчено заклучува дека “жителите на Скопје стравуваат дека најавената приватизација на јавното претпријатие “водовод и канализација“ само ќе им го загорчи животот!“. Ставот на марксистите е јасен: Против било каква приватизација!

 

Прехранбената индустријата како “извор на болести“

 

     Работничката класа, и тука во Македонија, но и во развиените земји, јаде храна со сомнително потекло и ризично по здравјето. Во развиените земји постојат такви земјоделски производи наречени био-продукти, кои имаат продажна цена три до пет пати поголема од оние обичните производи наменети за нас обичните луѓе. Обичните производи, многу често, се доживуваат како опасни, но работниците немаат избор па мора да ја купуваат “нормалната“ храна.

     Крави кои се хранат на канализацијата во Франција и околните европски земји, “лудите крави“, пилиња загадени со диоксин, добиток хранет со хормони, генетички модифицирана соја, животински лешеви кои се користат како сточна храна, загадена минерална вода и Кока-кола. Од година во година листата на загадена храна е поголема и поголема. Но како константа се провлекува желбата за остварување на повисоки профити од страна на мултинационалните компании за производство на храна на штета на здравјето на сите.

     Постои едно многу лажно уверување дека Македонија е иземена од скандалите што ја потресоа Европа. Но, знаејќи како стојат работите со царината и инспекцијата се сомневам дека “лудите крави“ не сме ги изеле и ние. Покрај “кравите“ посебно место завзема проблемот со диоксинот (или неговиот извор PCB резидиумите). Во Европската Унија повеќе пати беа пронаоѓани пилиња загадени со диоксин. Диоксинот инаку е силно карциногена супстанција со долг век на распад, речиси неуништив во организмот. Благодарејќи на современите техники на прехрана на животните, со кои се продолжува синџирот на исхрана на неприроден начин (пилиња хранети со животински масти, индустриски отпад и канализациони остатоци) концентрациите на диоксинот се зголемуваат по секоја алка од овој синџир за илјада пати од почетните вредности. А човекот е последната алка на оваков вештачки продолжен синџир. Затоа не треба да не зачудуваат големите стапки на пораст на заболени од рак. Како трагичен факт нека ни послужи и тоа дека се пронајдени поголеми концентрации на диоксин во мајчиното млеко, богато со масти, од кравјото млеко.

     Во 1998 беа пронајдени големи концентрации на диоксин во француското млеко. Во Италија е познат случајот кога мораше да се дислоцира цело едно село поради излевање на диоксинот, а атарот на селото да биде прогласен за забранета зона за наредните илјада години. Во Белгија 1999 беа пронајдени јајца со забрането количество на диоксин. По криковите на еколозите и заштитниците на животната средина или потрошувачките групи, сето ова е осудено. Но, по јавното жигосување, дефамирање не е постигнато ама баш ништо што влева доверба дека труењата нема да се случат во иднина. Правото на сигурно производство на здрава храна мора да биде дел од работничкото движање во борбата за пристојни работни места и плати. Она што работничката класа е спремна да го направи е пресекување на интересите на мултинационалните капиталистички вампири за поголеми профити од храната. Да си спомнеме само за болеста BSE (Бе-еС-Е) тн. “луди крави“ откриена и срамежливо објавена во 1996, која и ден денес е актуелна и стравична. Откривањето на заболени крави во “сигурната“ Словенија не смее да не направи рамнодушни. Она што и претходеше на појавата на оваа болест во Британија, а во медиумите се “заборава“ да се каже е либерализацијата на производство на говетско месо потикната од британската прехранбена индустрија за да се намалат трошоците. Трошоците се намалуваат ако се примени нов тип на животинска храна. Затоа се појавија сомнежи дека на животните им се дава погрешна храна.

     Малкумина истакнаа дека треба да се обвини целата прехранбена индустрија, затоа што нејзините методи се базирани на максимализација на профитите. И скоро сите ги обвинија фармерите. Вината беше префрлена врз земјоделците, а всушност, и тие се жртви на компаниите (и нивните сојузници) кои произведуваат животинска храна. Животинската храна (пр., познатото коскено брашно) се произведува од мртви животни, така што храната е збогатена со протеини. Значи се рециклираат лешевите (отпадот од кланиците) и трошоците на производството значително се намалуваат. И затоа , на пример, јајцата од Холандија се толку ефтини. Сево ова беше охрабрувано од Земјоделска Комисија на Европската Унија, која откако увиде дека не може да се дозволи дистрибуција на болно месо, нареди трошоците од настанатата криза да се платат од даноците на обединетите, унионизирани Европјани.

     Мора да се сфати дека зад целата индустрија на храна стојат моќни лобија. Овие лобија имаат политичка моќ и на локално ниво, но пред се, во високите кругови, влади, СБ, ММФ и СТО. Петициите, малите или големите закони, инспекциите или образованието или повикувањето на морал се покажуваат за неефективни затоа што власта ги слуша големите корпорации, а не луѓето кои таа треба да ги претставува. Затоа, нужна е подршката на еколошките групи на работничкото, социјалистичко движење и обратно. Нашите крајни цели се исти. Здрав живот ослободен од интересите на капиталистите. Не, приватизација, туку социјализација на прехранбената индустрија е единствено решение. Прехранбената индустрија мора демократски да се контролира и управува.

 

Глобално затоплување

 

     Глобаното затоплување, кое е најголема катастрофа која му се случила на човечкиот род било кога, е еколошки проблем кој е создаден токму од слободиот пазар. Прашањето кое го поставуваме е дали капитализмот може да понуди глобално решение на глобалниот проблем?

Катарина Поповска во статијата објавена во Опасна Багра пишува: “(глобалното) Затоплување влијае на човековото здравје на различни начини. Иако е тешко да се предвидат вистинските ефекти, научниците веќе ги разгледуваат можностите.

     Топлотни бранови: Луѓето почесто би пателе од топлотни удари, и да умираат од срцеви напади или од други заболувања предизвикани од топлината. Во некои региони температурата може да достигне високи вредности со што би се јавиле миграции на населението од тие области.

     Полуција : Топлината ,честичките смог и штетните гасови кои се задржуваат во атмосферата можат да забрзаат други хемиски реакции и да се создадат нови полутанти. Сето тоа ја зголемува опасноста од заболување од астма и други белодроби болести“. Таа го објаснува геолошкото минато на Земјата и ги опишува температурните промени. Централно место во нејзиниот текст е човековото влијание врз глобалното затоплување. Така К. Поповска вели : “Денес, за прв пат во историјата на Земјата, луѓето ја имаат, можеби, одлучувачката улога за иднината на климатските промени. Потоплата иднина може да биде резултат на денешните активности на луѓето во кои се ослободуваат големи количини на гасови кои ја задржуваат топлината. Овие гасови се дел од причините за зголемување на температурата за 0,5 степени за последните 100 год.“

     “Ако темп. на Земјата продолжи да расте како што се претпоставува идното глобално затоплување може да се случи побрзо отколку секоја климатска промена за последните 10000 год. Ако е така идните локални климатски промени може да имаат поекстремни влијанија од тие во минатото.

     “Почнувајќи од средината на 1700 човековите активности почнуваат да го менуваат составот на атмосферата. Огромните резерви на дрвен јаглен, а подоцна на јаглен и нафта ги покриваат барањата на индустриската револуција. С (јаглеродот) вграден во овие горива бил ослободен како СО2 во атмосферата, гас што ја задржува топлината. Денес на секој од над 6 милијарди луѓе на планетата скоро 6 тони СО2 се исфрла во атм. годишно. Како резултат на нашите активности конц. на СО2 е покачено за 30% во последните 250 год.“

     Да објасниме што е тоа глобално затоплување? Јаглерод диоксидот, како и метанот и водената пареа, се гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. Овој ефект е главната причина за глобалното затоплување. Под ефект на стаклена градина ќе подразбираме задржување на сончевата топлина во ниските слоеви на атмосферата од страна на гасовите на стаклена градина, како тоа што го прави стаклото или пластичните маси во стаклената градина односно пластениците. Фреоните се познати како супер-гасови на стаклена градина, со илјада пати поголема моќ на задржување на сончевата радијација. Затоа фреоните (CFC гасовите) се толку супер опасни. Во нормални околности, ефектот на стаклена градина е позитивен за живиот свет на Земјата. Без него просечните температури на Земјата ќе беа -18 C (за околу 34 C помали од денешните 15 C), а со тоа животот на Земјата немаше да постои. Главните гасови на стаклената градина (CO2, H2O и CH4) се неопходни за функционирање на природните циклуси: фотосинтезата и нетолку познатите циклуси во океаните, морските струи, со планктоните итн. Со зголемување на концентрацијата на овие гасови во атмосферата, се нарушува рамнотежата во природата и настануваат проблеми и по човекот и по целокупниот животински и растителен свет.

     Научната јавност сфаќајќи ја потребата од акција организира повеќе светски конференции на кои се дискутирани проблемите со глобалното затоплување. Треба да ја истакнеме Меѓувладината Комисија за Климатски промени (Intergovernmental Panel on Climate Changes-IPCC) од 1988, во која беа вклучени над 2 000 научници од целиот свет. IPCC предвиде понатамошно зголемување на просечните температури од 1 до 3,5 C до 2100 г. (имаше и такви кои предвидуваа пораст за 5 C до 2070). Како резултат на овој пораст, морското ниво треба да се подигне за 15 до 19 cm. Со тоа ќе настанат регионални климатски сериозни пореметувања. На, пример Македонија ќе стане посува и потопла, а други делови од светот повлажни или подложни на големи бури и поплави. (нешто од овие предвидувања се остварија и пред време).

     Потоа, дојде фамозниот Кјото Договор, кој наиде на опозиција во Американскиот Сенат и американското бизнис лоби, за разлика од американскиот народ. Но, токму САД покажаа што значи “демократија“. Наместо владата да го слуша гласот на сопствениот народ, американскиот естаблишмент е само продолжена рака на американската буржоазија. Таквата демократија, буржоаска демократија, во денешни услови го води светот во пропаст. И не само буржоазијата од САД, туку и од другите развиени капиталистички земји, не се способни да му стават крај на проблемот со глобалното затоплување.

    

За интернационално решение

 

     Разгледувајќи го глобалното затоплување, капиталистите прават еден голем превид. Превидот е дека неразвиените земји и понатака ќе останат неразвиени и дека нивниот развој нема да оди по стапките на развиениот индустриски свет. Доколку Индија го достигне нивото на испуштање на CO2 во атмосферата како САД, за две децении концентарациите би пораснале за 200%. А, Индија или Нигерија или Конго итн, нема да чекаат да се пронајде некое ефтино гориво. Тие (како и сите) ќе го користат ефтиното фосилно гориво. Единствен начин да се заузда горењето на јагленот и нафтата и да се отфрли до 2050 е преку јавното поседување на главните снабдувачи и корисници на енергијата. Мораме да ја запреме големата загуба на енергија што е карактеристика на сегашното производство. Да ја запреме планската застареност, каде производите се дизајнираат за ограничен краток век на употреба. Со постоечките технолочки достигнувања, сосема се остварливи продукти кои траат речиси неограничено. Но, тоа може да се направи само ако производството се оснива на јавни потреби, а не на профит. Неопходни се огромни инвестиции и во истражувањата и развојот на алтернативни енергетски извори и јавниот транспорт на светско ниво.

 

 

 [ на почеток | содржина | за авторот | контакт ]


КОМУНИСТ МАГАЗИН (www.come.to/crveni), контакт: proleter@email.com
Секое користење, копирање и дистрибуирање на материјалот е дозволено, освен во комерцијални цели. Ве молиме да ја зачувате ознаката на изворот од кој е превземен материјалот.